На само половина час возење од градот Езерото Матка е омилено прибежиште на Скопјани. Матка претставива светилиште во кое се наоѓаат многубројни цркви и манастири. Вкупниот број на светилишта во околината изнесува 36 од кои нај зачувани се Св. Богородица која се наоѓа на самиот влез на кањонот до ресторанот Пештера, манастирот е посветен на мајката божја, Дева Марија. На самиот брег на езерото се наоѓа манастирот Св. Андреја, посветен на братот на Крали Марко, над него се наоѓа комплексот манастири Св. Спас, Св. Ѓорѓија и Св. Тројца. Во продолжение на патот на највисоката точка над кањонот се наоѓа манастирот Св. Недела од каде се пружа прекрасна глетка на манастирот Св. Никола Шишевски, патрон на жителите на селото Шишево. Одејќи од браната кон внатрешноста на езерото, од левата страна се наоѓаат остатоци од селото Козарево каде има траги од манастирот Св. Јован Златоуст од каде истекува лековита вода.
Веднаш до црквата Св. Андреја се наоѓа планинарскиот дом Матка кој располага со триесетина легла. Пред да се изгради браната, на ова место планинарскиот дом и црквата биле дваесетина метри над нивото на реката Треска. На лево од домот се наоѓаат неколку табли кои ги информираат посетителите за планинарските патеки, животните и знаменитостите што се наоѓаат во околината, а исто така има и табла на која се обележани патеките за спортско качување на огромната карпеста страна од спротивната страна на езерото.
Езерото е вештачко, направено со поставување брана на реката Треска која лежи во стрмната клисура на долината Треска. Спектакуларните карпи од двете страни на езерото се доста популарни кај спортските качувачи. Мали чамци може да ве однесат на крстарење по езерото каде што може да се видат бројни пештери, а исто така и мал ресторан до кој се стига само со чамец. Околните ридови се идеални за планинарење.
Во внатрешноста на кањонот на 6500м од браната кон влезот на реката во езерото се наоѓа комплекс на пештери од кои нај атрактивни се пештерата Врело, Крштална и Убава. Под нив на длабочина од околу 7 метри под нивото на езерото се наоѓа влезот во подводната пештера Врело.