“Врело е ивонредна пештера која е вистински предизвик за истражување. Но истовремено е комплексна и затоа е потребен подолг период за да може целосно да се истражи“ – истакна Луиѓи Касати на денешната прес – конференција одржана во кабинетот на градаоначалникот на Скопје, Коце Трајановски на крајот на годинешнава експедиција „Врело 2010“.
Тој особено се задржа на еколошкиот апакт на експедицијата, при што рече дека смета дека во Врело постои значаен извор на вода за пиење кој во догледно време, кога ќе се соочиме со недостиг на вода, може да биде исклучително значаен за снабдување на градот. Од тие причини тој смета дека ваква природна реткост треба и посебно да се заштити. Затоа ќе бидат и многу значајни примероците од вода и седимент кои се земени на различни позиции и на различни длабочини на пештерата Врело.
Што се однесува до самото нуркање и длабочината од 212 метри до која тој дојде вчера, со што Врело стана најдлабока истражена пештера на Балканот, тој појасни дека тоа што му експлодирал еден од рефлекторите придонесе да не отиде уште подлабоко.
„ Кога си во пештера, единственото што го слушаш е шумот на сопственото дишење. И кога одеднаш ќе слушнеш експлозија, навистина не е пријатно. Во тој момент, признавам, почувствував страв и решив да се вратам назад„- рече Касати.
На оваа длабочина инаку, се наоѓа голема пространа галерија која е широка 45 и висока 25 метри. Таа завршува некаде пет метра подлабоко каде се појавуваат два нови крака од кои едениот оди хоризонтално, а вториот продолжува во длабочина. Тој е потесен – широк околу 4 и висок 2 метри, што значи многу потесен, но дава простор за нуркање. А тоа ќе биде цел на истражувањето идната година. Тогаш веројатно ќе се устражуваат и некои други галерии кои тој попатно ги има сретнато, како онаа на длабочина од 70 метри или онаа на 180 метри, што со еден збор значи дека Врело е комплексна пештера која дава многу простор за истражување.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски му се заблагодари на Касати на неговата храброст да оди на вакви длабочини и на целиот тим составен од италијански, белгијски и грчки спелеонуркачи, како и на членовите на клубот „Врело“ без чие залагање Скопје и Македонија немаше да добијат уште еден ваков бисер и најави дека и идната година Градот Скопје ќе биде генерален покровител на новата експедиција. Тој истовремено ги информираше гостите дека Министерството за внатрешни работи на екипата и излезе во пресрет и обезбеди хелихоптер за снимање на Матка од воздух, за да може целосно да се комплетира веќе снимениот материјал и да се изработи филм за Врело и Матка. За оваа цел инаку од Италија е дојден познат камерман и продуцент во телевизијата Канал 5, Алесандро Гати, така што овој филм ќе се емитува и на италијансите програми.
Покрај градот Скопје, организацијата на Експедицијата ја помогнаа и Министерството за економија, Мобилниот оператор ОНЕ, ЕЛЕМ, Ремедика, ЈП Јасен, Агенција за заштита и спасување и Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.