Изберете јазик

Почнува подготовката за нуркачката експедиција во подводната пештера Врело

Спелеонуркачкиот клуб “Врело” на ден 28.07.2011 (четврток) почнува со подготовка на најавената експедиција за истражување на подводната пештера Врело, оваа година без странски тимови, со сопствен потенцијал на нуркачи и опрема. Подготовките опфаќаат префрлување на целокупната опрема на Матка (два чамци, два мотори за чамец, компресор за полнење на боци за нуркање, балони за кревање на тежина и друга опрема за нуркање), како и опремување на камп за престој на нуркачите, кој ќе се наоѓа на 500 метри од влезот на пештерата. Оваа акција се случува поради подетално проширување на влезот во подводната пештера, како и расчистување од одроните и ерозијата на карпите, а истата има за цел да го подготви
теренот за експедицијата која ќе трае од 03.08.2011 – 12.08.2011 година. Активности кои се предвидени во нуркачката експедицијата се: – Подготвување за туристички цели, за посета на секојдневни туристи, како и за екстремни нуркачи до одредена дестинација; – Детално истражување на споредните канали до 380 метри хоризонтално во внатрешноста и до 40 метри во длабочина; – Детално истражување на воздушниот простор во пештерата “Сала Пеони”; – Вадење на примероци од вода, седименти и карпи, кои ќе бидат предадени на МАНУ за продолжување на истражувањето на составот на водата во различни периоди; – Изготвување на релевантен фото и видео материјал од внатрешноста. Овогодинешната експедицијата која започнува на 03.08.2011 година (среда) е всушност подготовка за најголемата експедиција за длабинско истражување на подводната пештера Врело која е закажана за наредната година. Експедициите се предводени од претседателот на спелеонуркачкиот клуб “Врело”, Киро Ангелески.