Галерија...Прошетка низ подводната историја на Јадранот – нуркачкиот рај на Мали Лошињ
Нашата екипа броеше три члена, јас , Вале и Боб. Секој од различни побуди решивме да одиме на подводна археологија во Хрватска. По комуникацијата со Игор Михуљек, одговорен за подводна археологија при Хрватскиот завод за реставрација, добивме информација да пристигнеме на 01.09 на островот Мали Лошињ.
Добро се потковавме со информации на интернет, мапи, карти, GPS( а Боб не пропушти да ми испрати на facebook статии за ајкули и китови на Јадран) и појдовме. Во голем дел не се ни сеќавам на патувањето, проаѓање граници, патарини, спиење на паркинг, траект.
Ако еднаш тргнеш кон Хрватска, Мали Лошињ е дефинитивно остров кој мора да го посетиш. Тука се наоѓа најдобриот центар за обука за нуркање и е школски пример за подводна археологија.
Иако сите видно возбудени, не ни сонувавме што не очекува во следните 2 недели.
Преплавени со убави информации, гостопримство, морски специјалитети и одлични зарони, дојде денот Д. Еден од инструкторите, Јурица Безак, не одведе на мала прошетка низ подводната историја. Од стотици мали средновековни стаклени мастилници, расфрлани по морското дно, антички амфори и бродолом. Што попрво?
Заедно со Јурица и Лука извадивме една амфора, што и баш не беше лесно. На десетина метри длабочина беше забележана, полу закопана, па моравме да ја откопуваме. Е тоа дополнително ја направи мисијата поинтересна, бидејќи копајќи по морското дно си го замативме просторот, видно поле 0, само допираш нечии раце кои исто се трудат да копаат. По пар скинати ракавици и со падобран наполнет со воздух (е тек сега му ги сватив формулите на Јурица) успешно ја извадивме амфората и се стави во процес на десоленизација. Ова е интересен процес каде предметите се ставаат во слатка вода за да се исчисти структурата на предметот од сол, процедура која може да трае до година и пол, зависно од материјалот од кој е изработен предметот. Изронивме на зајдисонце, со блага насмевка и не беа потребни зборови, молкум се вративме во базата. Нејсе, Зринка, директорката на Музејот во Мали Лошињ ќе ја прошири колекцијата на артефакти од морските длабочини.
Е сега Игор не спремаше за уште една вештина,цртање под вода на 25 метарско потопено сидро, останато како сведок на некој бродолом во минатото. А сето ова беше подготовка за бродоломот од 1750 година, со целосно сочувано дно и бродски клинови. Немам зборови, види фото.
Тука настапивме со мамути, подводни правосмукалки кои ни ја расчистија сликата и положбата на даските од бродската конструкција. А фото документаристот, Роби, не ја пропушти можноста да направи одлични фотографии и фото мозаик од бродоломот.
6.30 часот, впивајќи ги првите утрински зраци на сонцето, со по голтка јако црно кафе, кое секое утро Вале ни го спремаше, тимот се собра, спремен за нова авантура. Следеше пребарување на дното за една локација за која имавме дојава дека се забележани фрагменти керамика.
По ѓаволите и морските длабочини, иако дуваше силен ветар и паѓаше дожд, Игор (авантуриста само таков, со одлична смисла за хумор) со брзина од 21 чвор, летајќи по површината на морето како плоснато камче(омилена игра од детство), не доведе до бараната локација.
Се поделивме во тимови и почна пребарувањето, типично школски, користејќи ги сите техники на кои не научија нашите хрватски колеги. Како излегуваа тимовите, пријавуваа што забележале, од рибарски мрежи, стаклени шишиња, метални делови од мотори, до античка амфора и делови од бродолом. Не загрижи Јурица, кој иако има преку 30 години искуство,веќе два и пол часа го немаше да изрони, а замина со подводен скутер за побрзо пребарување. Додека ние кружевме со глисерот барајќи балончиња воздух, ете го, се појави со огромна насмевка и податок за уште еден бродолом. Земавме примерок од дрвото кој ќе се испрати на Ц14 анализа која ќе ни даде датацијата за овој бродолом. Денот беше 100 постотен погодок. Се вративме среќни и задоволни, иако Игор повторно немаше милост, а јас му кажав на Боб да ни земе едно кило лимуни за да ја симнеме насмевката од лицето. Вечерта завршивме во аптека по аспирини и витамин Ц.
Болките во мускулите и модринките по телото утрото беа заборавени кога нашиот хрватски колега Павле ни раскажа за Апоксиоменот изваден во околина на Мали Лошињ. Бронзена статуа на антички атлета кој со мал инструмент на крајот на денот ја стружи прашината и потта од намасленото тело, апоксиомен – ‘оној кој се стружи’од 1,2 век наша ера, изложен во Музејот за античко стакло во Задар. Авантурата сега мораше да продолжи, ‘одиме за Задар’, одлучивме едногласно.
Музејот за античко стакло во Задар или Хрватски виртуелен музеј, е единствена културна институција во светот од овој вид, каде се собрани преку 2000 различни стаклени предмети од периодот на антиката. Тука во живо може да видите дувачи на стакло и да си купите копија на антички садови или накит.
И тука беше ТОЈ, изолиран во прекрасно бела просторија, во полн сјај со својата преубава зелена патина. Еве ја неговата приказна.
Археолозите, како форензичари, испитувајќи ги наодите, правејќи анализи на остатоците, низа тестови и набљудувања, сметаат дека овој атлета бил дел од товар на некој римски трговски брод, кој го зафатило невреме. За да се спасат од бродолом го исфрлиле товарот, меѓу кој товар е и овој апоксиомен. Од местото на наодот пребарано е дното со детектор на подрачје од 10.000 квадратни метри и со помош на роботска сонда 50.000 квадратни метри и не се откриени траги од антички бродолом.
Во десната пазува на атлетата пронајдена е дупка каде се засолнило глувче, кое овде ја носело храната и најдени се остатоци од дрво, гранки, семки од плодови, како и коски од маслини и цреши. Испитувањата одат до тој стадиум што изваден е одгриз од вилицата на глувчето и дури се тврди дека моделот по кој е изработен овој атлета бил левучар , бидејќи мускулатурата на левата рака му е поизразена.
Иако е откриен 1996 година, изваден од песочниот морски кревет 1999, дури 2006 година за прв пат излегува пред очите на јавноста. Во цел овој период од 10 години прецизно и ситематски е работено на статуата, првично за вадење од вода, отстранување на морски организми кои сраснале за него, десоленизација, реставрација и конзервација. Санирани му се сите напукнувања и споеви и дури е поткрепен од внатре со посебна конструкција.
По детално разгледување на музејот и новата колекција на стаклен накит, наздравивме со чашка мараскино со директорот на музејот и фативме пат под нозе, за Македонија.
Уште не појдени направивме план за следниот викенд – Големо езеро, Национален парк Пелистер.
Го пропуштив делот за одличната журка која ни ја приредија колегите за крај на обуката, но тоа се подразбира, следниот ден пиевме пладневно кафе, не е ни чудно што не фати зајдисонце кога ја вадевме амфората.