Изберете јазик

Mеѓународна експедицијата Врело 2010

Меѓународната експедиција за истражување на подводната пештера Врело на Матка официјално стартуваше на 10 јули кога во Македонија пристигне екипата од Италија, предводена од познатиот спелеонуркач Луиѓи Касати кој минатата година во Врело отиде во длабочина од 190 метри.
Меѓутоа, истражувањето на подводните пештери во земјава почна на 5 јули бидејќи Белгискиот дел од експедицијата, на чело со Марк Вандермулен пристигна во земјава една недела порано, со цел да ја истражи и пештерата на реката Бабуна, во која тој има влезено пред две години, а која лани спелеонуркачите не успеаа повеќе да ја истражат. Во оваа сува пештера, која е со голема површина, има и езеро и водопад, зад кој, кога во неа нуркал Ван Дер Мулен, се појавил тунел во кој тој годинава имаше намера да влезе и да го истражи заедно со нашите спелеонуркачи.
Поддршка во ова истражување на белгијанците му дадоа нашите спелеолози од Пеони и спелеонуркачите од Врело, а покровители беше Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и општината Чашка на чија територија се наоѓа оваа пештера.
Меѓутоа, тимот не успеа во својата намера поради обилните врнежи во изминатиов период кои доведоа до зголемување на пештерското езеро. Практично, со оваа големина, тоа не може да се помине со две боци за кислород со колку вообичаено се опремени спелеонуркачите, така што Ван Дер Мулен и неговите колеги од Белгија и Македонија не успеаа да дојдат до подводната пештера до која тој стигна пред две години кога претстојуваше во Македонија.
Пештерата на реката Бабуба инаку се наоѓа на непристапен терен, а во неа има стрмен дел кој треба да се помине пеш, за да се дојде до пештерското езеро, низ кое мора да се нурка, по што потоа повторно доаѓа сув дел, за езерото да продолжи. Во овој втор дел од езерото Ван Дер Мулен пред две години забележа отвор, за кој претпоставува дека е уште една подводна пештера во Македонија. Минатата година кога се истражуваше Врело на Матка се планираше да се отиде до реката Бабуна, но поради влошување на времето, не се успеа во тоа. Годинава тимот дојде порано, сметајќи дека ќе се успее да се влезе во отворот, но повторно временските прилики го оневозможија тоа, така што истражувањето на Бабуна, повторно останува за идната година.
            Што се однесува до истражувањето на подводната пештера Врело, Луиѓи Касати годинава ќе се обиде да отиде подлабокот од оние 190 метри колку што успеа лани да ги истражи. Минатата година тој на три пати заронуваше во Врело, кое за него беше непозната пештера и успеа да дојде до длабочина од 190 метри. На последното нуркање тој наиде на камена платформа која му се препречи на патот и кога помисли дека е крај на пештерата, виде дека постои страничен пролаз така што ја зобиколи платформата и со осветлување со лампа согледа дека пештерата продолжува и понатаму во длабочина. Меѓутоа, ново нуркање беше оневозможено од лошото време и врнежите кои ја заматуваа водата.
Годинава, исто така, ќе се истражува и левиот крак на пештерата, во кој минатата година Касти воопшто не влезе.
Нашата пештера Врело инаку, според она што досега е истражено оди во хоризонтала во должина од околу 300 метри, а потоа почнува да понира во длабочина, каде на длабочина од 130 метри се дели на два тунела. Касати во десниот крак отиде до 190 метри длабочина. Личен рекорд на италијанскиот спелеонуркач инаку е 212 метри, постигнат во пештера во Италија и според очекувањата можно е тој во Врело да го надмине својот рекорд. Во Европа, најдголема длабочина до која отишол еден спелеонуркач е 221 метар, остварени во пештера во Италија.
Тимот кој ја истражува пештерата го сочинуваат Луиѓи Касати, Алесандро Фантини, Надја Боки, Марк Вандермулен, Роже Косимус, Винсент Пуасон, Николас Аврантинис, а од наша страна членовите на клубот „Врело“, Киро Ангелески, Васил Соколов и Бојан Петковски.
Годинава Експедицијата, чиј носите е Федерацијата на планинарски спортови на Македонија е под покровителство на Собрание на град Скопје и Министерството за економија кои издвоија средства за покривање на трошоците за престој на странските спелеонуркачи и за опрема, а како спонзори се јавуваат мобилниот оператор ОНЕ со чија помош нашите спелеонуркачи обезбедија суви нуркачки одела, потоа Ремедика, ЕЛЕМ и ЈП Јасен.