Левиот крак бил преполн со кал и со исклучително слаба видливост.
Италијанскиот спелеонуркач Луиѓи Касати денес, како што и најави, го направи својот прв зарон во длабочините на подводната пештера Врело на Матка, при што на длабочина од 130 метри, каде пештерата се дели на два дела, влезе во левиот крак кој минатата година остана неистражен и тоа до длабочина од 158 метри. Понатаму не мoжел да оди поради лошата видливост. Имено, според Касати, овој крак бил полн со кал, веројатно поради послаб проток на вода, така што на враќање видливоста била одвај еден метар. Овој крак исто така бил потесен од десниот, кој има широчина меѓу 20 и 30 метри и е многу попростран.
Нов зарон, Касати планира за во четврток, најверојатно повторно во левиот крак, по што ќе направи пауза бидејќи во текот на викендот ќе мора да замине од Македонија на Конференција на спелеонуркачи во Рим, која е важна за него. Следните зарони ќе продолжат идната недела и тогаш тој ќе одлучи во кој крак ќе ги прави длабочинските зарони, односно надминување на длабочината која минатата година ја постигна.
Пештерата Врело, според она што досега е истражено, во хоризонтала е долга околу 300 метри, од каде почнува да понира во длабочина. На 130 метри се дели на два крака. Касати минатата година нуркаше во десниот крак, каде дојде до длабочина од 190 метри, а во левиот засега од 158 метри.