Првиот тим од единаесетчлента експедиција за истражување на пештерата Ѓоновица, веќе третиот ден ја надмина крајната истражена точка во внатрешноста. Тимот во состав : Гоце Димитриевски (СНК „Врело“) Дарко Недановски ( СК „Златоврв“ од Прилеп ) и Булески Александар (СНК „Врело“ – BOTTUM TIME – Охрид) ја надминаа крајната досега истражена точка, на 1100 метри, пробивајќи се уште нови 40 метри во внатрешноста. При тоа откривајќи многу нови отвори, сливни канали во главниот водотек низ пештерата. Среќаваат разнобојни фигури од различит геолошки состав , многу поголеми водени акумулации , со длабочина над 3 метри .
Во експедицијата што се одржа од 23.09 до 28.09.2015 година , со поддршка на Општина Гостивар, Министерство за економија и локалното население, учествуваа спелеолози и спелеонуркачи од клубовите „Урсус спелео“, „Акватек“ СК „Златоврв“ од Прилеп , BOTTUM TIME од Охрид и организаторот СНК „Врело“.
Се отвора голем простор за истражување, пред се на составот на водата и целиот карстен предел, што е предизвик како за спелеолози и спелеонуркачи така и за научниците од повеќе научни области.
Се очекуваат нови сознанија за животинскиот свет, за водата и почвата од внатрешноста, врз основа на примероците што им се приложени на научниците вклучени во експедицијата.
Забележани се прекрасни фигури во делови од пештерата, кои ги има во изобилство како во ниту една пештера на Балканот. Непријатна е глетката на почетокот при влегувањето во пештерата каде што се забележуваат оштетувања на фигурите, напишани имиња со тврди предмети и со спреј испишани иницијали.
Експедицијата во едно беше прилика за комисијата за спасување на планина да изврши проверка на способностите на младите спелеолози и спелеонуркачи во фаза на формирање на спасувачки тимови за интервенции во евентуални несреќи од различит карактер: во пештера (сува или подводна) во урбана средина и во сите отворени водени површини.
Продолжувањето на истражувањето во наредните години ќе се насочи кон истражување на подводниот базен кој што се појавува на крајната точка од истражениот дел од пештерата. Во едно и поставувањето на инструментот за мерење на составот на водата и снимањето на целиот карстен предел , кој што треба да разоткрие многу тајни за целиот пештерски систем.